Маточина, пчелинок

(Melissa officinalis, fam. Labiatae)

Маточината е многугодишно зелјесто растение, со четириаголно стебло, доста разгрането. Лисјата се противположни, јајчести, со неправилно назабени рабови, со лисни дршки од кои горните се најкратки.

Исушените лисја, кои се користат како активен дел од растението, содржат етерично масло, танини, горчливи материи, слуз, смола и др.

Во етеричното масло преовладуваат ацикличните монотерпенски алдехиди и алкохоли, како: цитрал, цитронелал, гераниол и линалол. Содржи уште и монотерпени: лимонен и пинен.

Благодарение на сложениот хемиски состав, маточината дејствува врз повеќе органи, а главната состојка на која се должи неговата широка примена е скапоценото етерично масло со вонредно пријатен мирис.

Маточината е благ, добар и пријатен лек кој се користи при проблеми во системот на органите за варење (против надуеност на цревата, желудочни тегоби, гадење, повраќање и против дијареја).

Утринските мачнини кај многу трудници може значително да се намалат или да се проретчат доколку се употребува по една чаша свежо приготвен чај од маточина, два пати во текот на денот, наутро и навечер.

Како еднокомпонентен чај или во комбинација со горчливи чаеви (линцура, црвен кантарион, подабица или ајдучка трева), маточината се дава кај послабите и изнемоштени лица за подобрување на апетитот.

Поради присуството на танини во неговиот состав, овој чај со право може да се употребува против пролив, особено кај децата.

Маточината е ценето средство за лекување мигрена, главоболка, акутна и хронична несоница предизвикана од премореност или од нервни пречки, нервни слабости, депресии.

За зајакнување на нервите, најдобро е исушените лисја од маточина да се приготвуваат во комбинација со мајоран, а третман се препорачува подолг временски период.