Јаглика, петопрст

(Primula officinalis, fam. Primulaceae)

Јагликата е долгогодишна зелјеста билка, еден од првите весници на пролетта. Од краткиот ризом, над земјата избива розета од неколку лисја, а потоа дршка долга 20 cm, која носи неколку темножолти цветови во вид на инка, што се наведнати. Цветната дршка и лицето на листовите се влакнести.

Како активен дел од растението, дрога, се користат цветовите – Primulae flos, кои треба добро и брзо да се исушат. Тие имаат пријатен мирис на мед и сладок вкус. Треба да се берат цели цветови со дршката, на убаво и суво време.

Носители на лековитоста на ова растение се сапонозидите кои се најзастапени во чашките на цветовите, помалку ги има во цветните дршки, а во прашниците и толчникот ги нема. Во сите органи на јагликата има многу витамин C (аскорбинска киселина), а најмногу во листот и цветот. Листот од јаглика (Primulae folium) содржи сапонозиди и каротен.

Цветот од јаглика се употребува за приготвување инфуз, топол напиток со попарување со свежо зовриена вода, кој наоѓа голема примена како извонреден експекторанс. Чајот помага во олеснување на искашлувањето и придонесува за нормално функционирање на респираторниот систем. Активните компоненти од оваа билка, покрај тоа што ги разводенуваат густите слузни секрети, поседуваат и противвоспалително и антибактериско дејство, при што помагаат во олеснување на состојбите при кашлица придружена со секрет, што создава тешкотии при кашлањето. Грлото се дразни, а секретот не може да се искашла.

Чајот од јаглика ја олеснува надразнетоста при воспаление на горните дишни патишта, ги разводенува слузните секрети и овозможува нивно искашлување.

Сам или во комбинација со други чаеви, Primulae flos се користи за подобрување на симптомите кај заболувања на респираторниот систем, воспаление на горниот белодробен апарат придружени со секрет, кашлица придружена со густ секрет, бронхитис и настинки со кашлица, која вообичаено почнува како сува, за потоа да биде придружена со секрет.